Запаметен по роговите и крзното, осуден поради упадот во Капитол

од Nikola Popovski
296 прегледи

Американскиот федерален суд денеска осуди еден од демонстрантите кои упаднаа во Капитол, познат како „Шаманот на Кјуенон“, на 41 месец затвор за неговата улога во смртоносните настани на 6 јануари оваа година.

Поради неговото обоено лице, крзно и рогови на главата, Џејкоб Ченсли стана еден од симболите на упадот на поддржувачите на поранешниот претседател Доналд Трамп во центарот на американската демократија, на денот на потврдувањето на изборната победа на демократот Џозеф Бајден, што републиканецот го оспори, пренесоа агенциите.

Обвинителите побараа подолга затворска казна од 51 месец за Ченсли, откако тој во септември се изјасни за виновен за учество во спречување на работата на американскиот Конгрес.

Казната од 41 месец затвор одговара на онаа што ја изрече истиот судија на тренер за боречки вештини, кој беше снимен како удира полицаец за време на тие настани. Ова се досега двете најстроги казни од вкупно 675 обвинети.

Судијата рече дека верува оти 34-годишниот Ченсли, притворен од јануари, „се вратил на вистинскиот пат“.

„Најтешкиот дел од ова е што знам дека јас сум тој кој треба да го обвините“, рече тој во изјавата пред да биде изречена пресудата, зборувајќи за тешкото детство.

„Мислев дека ќе добијам 20 години во самица“, додаде тој.

На Ченсли во затвор му била дијагностицирана шизофренија, заедно со биполарно растројство, депресија и анксиозност.

Во настаните од 6 јануари животот го загубија четири лица, а вкупно 140 беа повредени.

Фото: Profimedia

Слични содржини