Поранешниот американски државен секретар Медлин Олбрајт (84) положи заклетва како нов претседател на Комитетот за одбранбена политика на САД, соопшти Пентагон.
Овој развој на настаните доаѓа речиси точно една година откако администрацијата на Трамп ја отстрани неа и другите експерти за национална безбедност од советодавниот комитет.
Олбрајт е првата претседателка на комитетот откако министерот за одбрана Лојд Остин започна ревизија на советодавните комитети на Пентагон на почетокот на оваа година, пишува Си-Ен-Ен.
„Под раководство на министерот Остин, дивизијата се прилагодува на променливата природа на војувањето и работи да остане пред сите потенцијални противници“, рече Олбрајт во соопштението.
На почетокот на февруари, Остин отпушти стотици членови на 42 комитети и комисии, вклучително и контроверзни членови назначени за време на администрацијата на Трамп.
По поразот на изборите во 2020 година, Трамп собори од одборот некои долгогодишни експерти за надворешна политика и национална безбедност, вклучително и Олбрајт, поранешниот државен секретар Хенри Кисинџер и други.
Засега, Олбрајт е единствениот член на Комитетот за одбранбена политика, според веб-страницата на Министерството за одбрана на САД.
Комитетот за одбранбена политика е надворешна советодавна група составена од поранешни високи функционери за национална безбедност кои „на министерот за одбрана и заменик министерот за одбрана му даваат независни совети и мислења за прашања од одбранбената политика како одговор на конкретни задачи на министерот за одбрана и заменик министерот“.
Олбрајт е еден од креаторите на надворешната политика на Соединетите Држави кон земјите од Западен Балкан, особено Босна и Херцеговина за време и по војната.