Германските социјалдемократи (СДП), Зелените и Слободните демократи, кои преговараат за нова влада, се согласија да се обврзат на постепено укинување на јагленот до 2030 година со коалициски договор, наведува Ројтерс.
Трите партии се во завршна фаза на склучување на коалициски договор и се надеваат дека ќе го претстават договорот во среда. Климатската политика е една од областите кои најмногу се следи во новата влада, додека најголемата европска економија се обидува да постигне јаглеродна неутралност.
Трите партии, исто така, се согласија да го прекинат производството на електрична енергија од гас до 2040 година, изјави за Ројтерс извор вклучен во коалициските разговори. Системите за греење со гас ќе бидат забранети во новите згради и заменети во постојните згради, вели тој.
До 2035 година ќе биде стопирана продажбата на нови автомобили со мотори со внатрешно согорување, што се совпаѓа со плановите на Европската комисија, велат изворите. Зелените сакаа поран датум. Страните, исто така, ќе ја поддржат употребата на „синиот“ водород или производството на водород со помош на природен гас со емисии на CO2 заробени во подземни или подводни складишта. Страните се договорија да ја вклучат и индустријата и енергетската политика во Министерството за клима.
Доколку страните го финализираат договорот, Олаф Шолц од СДП ќе ја преземе функцијата канцелар од конзервативната Ангела Меркел. Тројца извори вклучени во разговорите изјавија за Ројтерс дека Кристијан Линднер, лидер на фискално конзервативната Слободна демократска партија, би можел да биде министер за финансии во планираната нова влада.