Поради влошената епидемиолошка состојба, Владата на Словачка предложи целосен локдаун во земјата на две или три недели, а одлуката за тоа парламентот треба да ја донесе утре.
Премиерот Едвард Хегер рече дека затворањето ќе важи и за вакцинираните и за невакцинираните и посочи дека мора да се преземат итни мерки за ситуацијата да не биде уште полоша.
„Оваа мерка не е популарна, но во овој момент е апсолутно неизбежна“, изјави денеска претседателката на Словачка, Зузана Капутова, по посетата на најголемата болница во Братислава, пренесува АП.
Таа истакна дека тоа што го видела во Универзитетската болница е „трагично и страшно“.
„Епидемиолозите се јасни – мора да го ограничиме движењето на луѓето, мора да се затвориме. За жал, тоа ќе влијае на сите, но не може да се избегне“, изјави Капутова.
Словачка имаше 9.171 нови инфекции во петокот, надминувајќи го рекордот од 8.342 нови случаи поставен неколку дена порано.
Први на удар се невакцинираните
Во понеделникот на невакцинираните им било ограничено движењето и им било забрането да одат во сите трговски центри и продавници, освен прехранбените, како и на сите јавни настани, а за да одат на работа им било наредено два пати да се тестираат во текот на неделата.
Експертите, сепак, сметаа дека тоа не е доволно во оваа ситуација и побараа целосно затворање најмалку 14 дена.
Во Словачка само 45,3 отсто од населението се вакцинирани, што е за 20 отсто помалку од просекот во Европската унија. Во земја со околу пет ипол милиони жители, досега официјално се регистрирани 621.423 случаи на Ковид-19, а починале 13.985 пациенти.
Фото: SITA