Пентагон соопшти дека формирал канцеларија за собирање и проучување на информации за неидентификувани летечки објекти (НЛО) видени од различни родови на американската војска, пренесува агенцијата „Хина“.
Оваа „Координирана воздушна група за идентификација и управување“ или АОИМСГ ја заменува „Работната група за неидентификувани појави во воздухот“ формирана во август 2020 година, а потоа ставена под покровителство на американската морнарица, се вели во соопштението на американското Министерство за одбрана.
Канцеларијата е под одговорност на потсекретарот за одбрана за разузнавање и безбедност, што сведочи за фактот дека американската војска не ги смета „малите зелени“ одговорни за „неидентификуваните воздушни феномени“, туку вистинските противници на САД.
Вашингтон е всушност загрижен за способноста на Кина да шпионира со помош на дронови и други летечки уреди.
Три видеа
Идниот директор на „АОИМСГ“, кој сè уште не е назначен, ќе ја координира работата на различните родови на американската војска и разузнавачките служби на терен.
Минатата година, Пентагон објави три видеа направени од пилоти на американската морнарица, едно во ноември 2004 година и две во јануари 2015 година, на кои е прикажана нивната средба во текот на летот со „непознати феномени во воздухот“.
На едната е прикажан издолжен објект кој се движи брзо и неколку секунди откако е забележан од сензор на американски авион, исчезнува по нагло забрзување.
На другата снимка се препознава објект над облаците и пилотот се прашува дали се работи за беспилотно летало.