Генералниот секретар на Советот за регионална соработка (РСС) Мајлинда Брегу рече дека секој трет млад човек на возраст меѓу 18 и 24 години од Западен Балкан е подготвен да ја напушти својата земја и дека нивниот избор на дестинација покажува што недостасува во нивното општество.
„Ние само треба да набљудуваме, слушаме и што е најважно, да дејствуваме и да им дадеме причина да останат. Времето е луксуз и го немаме во изобилство. Ако сакаме поинакво утре, промените требаше да почнат уште вчера“, рече Брегу на младинскиот форум ЕУ-Балкан во Рим.
Таа на панелот „Проширување на ЕУ, национална и меѓународна политика“ рече дека Европа не е граници, географија, ниту во ДНК пишува дека некој е Европеец, туку дека некого го прави Европеец она во што верува и за што се бори.
Таа оцени дека процесот на европеизација не треба да се фокусира на рокови и датуми.
Размислете за општествата кои ја одредуваат вашата иднина и иднината на вашите деца, размислете што значи да немате граници, што значи слободно да се движите во Европа и регионот“, заклучи Брегу.
Младинскиот форум ЕУ-Балкан собра 88 млади луѓе и ментори од сите 27 земји-членки на ЕУ и шест економии од Западен Балкан, кои разговараа за заеднички прашања во текот на петте дена поминати во Рим и се сретнаа со креаторите на политиките во ЕУ.
Форумот беше организиран од страна на италијанското Министерство за надворешни работи во соработка со, Регионалната канцеларија за младинска соработка во Тирана.