Европската банка за обнова и развој на својот Твитер профил објави кратко видео од фотоволтаичната електрана во РЕК Осломеј со порака дека овој реномиран партнер на огромен број македонски компании е горд што е пионер во иновациите во Северна Македонија, инфомираат од АД Електрани на Северна Македонија – ЕСМ.
– Горди сме што сме пионери во зелените иновации во Република Северна Македонија, каде првата соларна електрана во земјата ја заменува исцрпената термоелектрана во Осломеј, стои во пораката на Твитер профилот на Европската банка за обнова и развој која учествуваше во изградбата на фотонапонската централа во Осломеј со 5,9 милиони евра, а АД ЕСМ во оваа инсталација вложи еден милион евра сопствени средства.
АД ЕСМ, исто така, најавува дека се подготвува за нова инвестиција од по најмалку 40 MW до најмногу 50 MW, во кругот на РЕК Осломеј, на локацијата на исцрпениот рудник за јаглен, во близина на првата фотоволтаична електрана од 10 MW. И оваа инсталација ќе биде по принципот на јавно-приватно партнерство, при што АД ЕСМ ќе биде јавниот партнер.
Proud to pioneer the green innovation in North Macedonia, where the country’s first large-scale solar power plant is replacing a depleted thermal plant in Oslomej.
The new solar plant’s installed power is 10MW and it's preventing more than 12,000 tonnes of CO2 emissions. pic.twitter.com/01GC73ZcTq
— The EBRD (@EBRD) November 27, 2021
– Во соработка со Европската банка за обнова и развој, АД ЕСМ ќе инвестира во изградба и на фотонапонски електрани во Битола. Првата ќе биде со инсталирана моќност од 20 MW, со просечно годишно производство од 32 GWh. ФЕ Битола 2 ќе биде со инсталирана моќност од 40 MW, со годишно производство од 70 GWh и проценета вредност од 30 милиони евра, за коишто капацитети веќе се направени пресметки за идно производство, одредено е земјиштето и завршени се студиите за приклучок. Проектот ФЕ Битола 3, пак, е со инсталирана моќност од 100 MW, со годишно производство од 170 GWh, и проценета вредност од 70 милиони евра, се вели во соопштението од АД ЕСМ.
Од АД ЕСМ, информираат дека во изминатите три години постојано работат на проекти за зголемувањето на учеството на обновливите извори на енергија во вкупното производство на електрична енергија во Република Северна Македонија, како и дека заедно со Владата на Република Северна Македонија остануваат цврсто решени на имплементацијата на т.н. зеленото сценарио во енергетскито сектор во земјата и зголемување на бројот на производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори.