Специјалниот пратеник на американскиот државен секретар за БиХ, Габриел Ескобар денеска изјави дека БиХ поради корупција и неможност да зборува во еден глас на ниво на централни институции, не била поканета на Форумот за демократија организиран од американскиот претседател Џозеф Бајден.
-БиХ е толку нефункционална што не би се квалификувала ни да учествува во иницијативата Отворен Балкан поддржана од САД, организирана од Србија, Северна Македонија и Албанија. Тоа не може да го стори и доколку утре сака да се приклучи, рече Ескобар на брифинг со новинарите во американската амбасада во Сараево.
На прашањето за можните санкции, Ескобар рече дека тие се уште се на маса, но дека не сака да зборува за нив бидејќи привлекуваат внимание, пренесе „Независне новине“.
-Претходно кажав дека не сакам да зборувам за санкции бидејќи тоа не е начинот на кој сакам јавноста да го разбере ангажманот на САД во оваа земја. Вистина е дека санкциите се на маса. Но, тоа не е примарниот механизам за тоа како да се постигнат реформи во оваа земја, бидејќи реалноста е дека санкциите не можат да ја излечат земјата од проблеми, рече Ескобар.