По вчерашната оставката на досегашниот директор на ЗОО Скопје, здруженијата за заштита на животни упатуваат апел до градоначалничката да вработи професионалец кој ужива углед меѓу активистите за заштита на животни и кој е посветен на заштита на животните.
-Наш предлог е Тина Мицковска која е вработена во ЗОО Скопје во Секторот односи со јавност и со години се бори заедно со нас за заштита на животните.Има многу успеси зад себе, а најголемиот ѝ е успешното испраќање на мечето Теди во резерватот на Фондацијата на Брижит Бардо за мечки во Бугарија. Мечето Теди живееше во кошмарни услови во мал кафез во Штип, а Тина по скоро две години борба со институции успеа да го спаси. Приказната за мечето стана глобална и Теди и Тина се најдоа на сите најпознати светски медиуми. Таа соработува со Four Paws International- една од најпознатите светски организации за заштита на животните, кои преку неа би помогнале многу на Скопје ЗОО, а со тоа би се афирмирал и Градот Скопје. Помага за спасување на диви животни кои биле предмет на нелегална трговија или пак бебиња, а дел од нив веќе успеале да се рехабилитираат и да се вратат назад во природа. Беше и прва која го откри нелегалниот шверц на лавчиња во земјата и тоа по цена на својот живот бидејќи сè уште добива закани. Има добра соработка со сите институции поврзани со животинскиот свет, учествува во проектот за основање на прв Спасувачки центар за диви животни во Македонија, има познавање од областа на дивите и егзотични животни и што е најважно желба и мотивација да обезбеди соодветна нега на животните во ЗОО Скопје, велат од здржението Шепасти Ентузијасти.
Директорот на Зоолошка градина Скопје Ѓорги Галетановски вчера на неговиот Facebook профил објави дека поднесува оставка од функцијата.
Тој упати благодарност за укажаната доверба од страна на поранешниот градоначалник на Град Скопје Петре Шилегов, како и на сите медиуми, спонзори, донатори, здружениjа за животни, а најмногу, како што истакна, на вработените во Зоо Скопје, со чија помош успеавме да дојдеме на чекор до членство во ЕАЗА (Европска асоцијација на зоолошки и аквариуми).