Вонредна состојба во Сан Франциско поради бројни смртни случаи од дрога

од Vladimir Zorba
315 прегледи

Градоначалникот на Сан Франциско, Лондон Брид, прогласи вонредна состојба во областа Тендерлоин, област со висок процент на бездомници и ужасно висок број на смртни случаи од предозирање со дрога, во обид да го потисне криминалот и да ја намали смртноста од предозирање.

„Ние сме во криза и мора да реагираме соодветно“, рече Брид на прес-конференција, пренесе „Гардијан“.

Со најавениот план агресивно ќе се решаваат прашањата поврзани со како што таа ги нарече „опасни улици“ во градот, а се планира и зголемување на буџетот за полицијата.

„Премногу луѓе умираат во овој град, премногу луѓе лежат испружени на нашите улици“, рече градоначалникот, наведувајќи го фактот дека по две лица умираат секој ден од предозирање, главно од „фентанил“.

„Време е да се стави крај на владеењето на криминалците кои го уништуваат нашиот град“, рече Брид.

Како што беше најавено, веќе е во тек значително зголемување на присуството на полицијата која има задача да се справи со продавачите и корисниците на дрога.

Смртните случаи поврзани со дрога се во пораст, а прогласувањето вонредна состојба ќе му овозможи на градот да ја прескокне бирократијата и брзо да обезбеди засолниште, советување и медицинска нега за луѓето кои страдаат од зависност, соопшти Брид и други градски власти.

Овој потег доаѓа неколку недели откако Сан Франциско беше цел на координирани кражби, каде групи луѓе упаѓаа во луксузни продавници вооружени со клешти и чекани, јави Танјуг.

Како одговор, градот распореди засилени полициски сили околу центарот на градот.

Слични содржини