Лекари од Клиника во Скопје на позајмица за Детското одделение во Општата болница во Охрид

од Vladimir Zorba
472 прегледи

Недостигот на лекарски кадар на Одделнието за детски болести при Општата болница во Охрид привремено ќе се решава со позајмица на двајца педијатри од Клиниката за детски болести во Скопје. Тоа го најави министерот за здравство, Венко Филипче, при посетата на Охрид, појаснувајќи дека најавената ротација ќе биде спроведена откако ќе бидат изгласани измените на Законот за здравствена заштита што ќе овозможат лекарите од сите установи да работат насекаде низ државата.

Инаку, одделението за педијатрија во Охрид моментално работи со скратено работно време поради недостиг од педијатри.

Според Филипче, новото законско решение ќе овозможи дисперзирање различни специјалности, воедно дополнителна заработка за лекарите и медицинските сестри, а граѓаните ќе ја имаат услугата поблиску до местото на живеење.

– Со таков дефицит на специјалисти од одредена специјалност се соочуваме на повеќе места во државата и затоа интервенираме тука во Охрид со тоа што двајца педијатри ќе бидат пратени во следниот период од скопската Клиника за детски болести и ќе бидат континуирано присутни. Тој систем на ротација ќе го задржиме додека не најдеме некое друго трајно решение. Едно од можните решенија е во веќе предложената измена на Законот за здравствена заштита со што овозможуваме, кој било лекар од која било јавна или приватна здравствена установа да може да дежура во друга здравствена установа, со цел да се овозможи потребната служба во еден дел од денот. Овој систем на ротација нема да важи само за педијатрите, ќе важи за сите други специјалисти, рече Филипче при вчерашната посета на Специјалната болница за травматологија и ортопедија „Свети Еразмо“.

Во врска со реакциите на опозициските партии дека новите законски измени превдидуваат и приватизација на Службата за итна медицинска помош., Филипче рече дека станува збор само за законско регулирање на тоа што веќе се случува, а тоа е ставање на возилата од итната медицинска помош од приватните здравствени установи во законска рамка.

– Целокупниот друг систем останува ист, Итната помош останува во јавното здравство, дециден е Филипче.

Слични содржини