„Енергетската криза од 2022 година ќе ги чини европските потрошувачи повеќе од 350 милијарди евра. Владите не можат да останат настрана“, рече грчкиот министер за животна средина и енергија Костас Скрекас на Советот на министри за животна средина на ЕУ.
Скрекас рече дека Советот се одржува во исклучително критично време поради значителното зголемување на цените на струјата и гасот.
Тој додаде дека од клучно значење е да се преземат иницијативи на централно ниво, создавање на европски механизам за поддршка на домаќинствата и компаниите кои се соочуваат со меѓународната енергетска криза.
– Доколку се потврдат прогнозите на пазарот, европските граѓани ќе треба да платат дополнителни 350 милијарди евра во 2022 година поради повисоките цени на струјата и гасот. Соочени со оваа исклучителна ситуација, не можеме да останеме рамнодушни – рече грчкиот министер.
„Мора да постои европски механизам на централно ниво за поддршка на ранливите домаќинства и малите и средни претпријатија кои се соочуваат со толку значително зголемување на трошоците за енергија“, рече Скрекас.
Европа во последните месеци доживува енергетска криза. Значителен раст на европските цени на гасот започна во април и мај, кога просечната „спот“ цена на ТТФ (TTF неутрален индекс на цени на гас е волуменски пондерирана просечна цена на сите тргувања извршени во сите „спот“ договори, кои испорачуваат гас на одреден ден – н.з.) се движеше помеѓу 250 и 300 долари за илјада кубни метри.
Во последните денови од летото цената на договорот за претходниот ден надмина 600 долари и веќе на почетокот на октомври ја надмина границата од 1.000 долари.