Мукаетов: Во ковид-кризата „Алкалоид“ научи многу важни лекции и го забрза развојот на нови вештини

од Vladimir Zorba
332 прегледи

Во оваа здравствена криза научивме многу важни лекции и го забрзавме развојот на нови вештини. Ги поттикнавме креативноста и иновативноста во компанијата, како и градењето стратегии што ги налагаат новото време и барањата на пазарот, вели во интервју за српскиот магазин „Магазин Бизнис“ генералниот Директор/Претседател на Управниот Одбор на Алкалоид АД Скопје, Живко Мукаетов.

Ни се чинеше, вели тој, дека најголемиот предизвик на почетокот на пандемијата беше нарушениот синџир на снабдување, кој година и половина подоцна, за жал, е уште полош.

– Цените на суровините се зголемени, а роковите за испорака се продолжени, така што, на пример, рокот за испорака на алуминиумска фолија сега е осум месеци, додека, пак, пред пандемијата беше три месеци. Побарувачката на одредени суровини и материјали е многу голема, па добавувачите од ден на ден поставуваат нови и потешки услови. Цената на контејнерите е речиси шесткратно зголемена, па сега наместо 3.000, плаќаме сума од околу 18.000 долари од испорачан контејнер во САД, а времето за испорака е двојно подолго. Но, тоа не е случај само во фармацевтската индустрија. Соочувањето со суровата реалност е неизбежно, а редефинирањето на процесите, изнаоѓањето алтернативни начини за комуникација со потрошувачите и одржливото приспособување кон промените се дел од препораките кои вреди да се применат, истакна Мукаетов во интервјуто.

Слични содржини