Скот Морисон, премиерот на Австралија, набрзо откако беше објавено дека Новак Ѓоковиќ остана без виза за влез во Австралија, по осумчасовната драма на аеродромот во Мелбурн, се огласи во јавноста.
Морисон објави зошто Ѓоковиќ останал без виза.
-Визата на господинот Ѓоковиќ е поништена. Правилата се правила, особено кога се во прашање нашите граници. Никој не е над правилата. Нашата силна гранична политика е главната причина зошто Австралија има најниска стапка на смртност од коронавирус во светот и ние продолжуваме да бидеме доследни, истакнал Морисон.
Ѓоковиќ побара медицинско ослободување за влез во Австралија, за што гарантирале надлежните медицински тела, но потоа било соопштено дека има проблем со визата, односно дека таа за која аплицирал Ѓоковиќ не е во согласност со протоколите за лица со медицинско ослободување.
Весникот Ејџ, исто така, пишува дека владата на Викторија го одбила задоцнето барање за потврда на визата на Ѓоковиќ, неколку часа пред тој да слета во Мелбурн, а извор од Тенис Австралија тврди дека потегот бил „претстава за јавноста“ чија цел била само Ѓоковиќ, а не други играчи кои веќе влегле во Австралија со медицинско ослободување.