Казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев изјави дека им издал наредба со која полицајците ќе може да пукаат и убиваат. До ова доаѓа поради растот на насилство и немири кои настанаа по простетите предизвикани од наглото зголемување на цените на енергенсите.
Токаев во своето обраќање кое се пренесуваше во живо на националната телевизија изјави им дал наредба на безбедносните сили да отворат оган без предупредување со цел да се сопрат какви било понатамошни немири. Тој беше дециден дека оние што одбиваат да се предадат ќе бидат „уништени“.
„Им дадов наредба на агенциите за спроведување на законот и вооружените сили да пукаат за да убијат без предупредување“, рече тој во обраќањето.
Протестите избија во западниот регион на Казахстан на 2 јануари поради удвојувањето на цената на субвенционираниот течен нафтен гас (ТНГ). Тие се проширија низ целата земја и со повици за политички реформи во строго контролираната земја.
Токаев за насилството и немирите во обраќањето како виновници ги посочи „терористичките“ банди обучени од странство. Тој не приложи никакви докази за да го поткрепи тврдењето.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека за време на протестите биле „ликвидирани“ 26 „вооружени криминалци“, а повеќе од 3.000 биле приведени. За време на судирите на протестите загинаа 18 полицајци и припадници на националната гарда.