Гацов: Македонија има најлош систем на осигурување на депозитите во регионот и крајно време е за менување на неговите правилата

од Vladimir Zorba
578 прегледи

Даночниот советник Павле Гацов отворено и директно сугерира потреба од промена на режимот на осигурување на депозитите во македонските банки.

На неговиот facebook профил тој сподели коментар кој не остава простор за какви било дополнителни дилеми, а со кој порача: Македонија има најлош систем на осигурување на депозитите во регионот.

Ситуацијата и целосниот контекст се според него целосно созреани.

„После речиси 12 години од првичната најава, забавената модернизација во банкарскиот сектор, надолните каматни трендови и политиката на НУЛА камата за трансакциските пари кои задолжително се чуваат во банките, недонесувањето на Закон за платните системи, долгиот период на висока профитабилност на банките кои се во доминантна сопственост на странски сопственици, итн. се создаваат услови за промена на режимот на осигурувањето на депозитите во македонските банки“, пишува Гацов.

Во понатамошниот текст посочува дека еден од јасните и најавтентичните сигнали за итната потреба од менување на актуелниот систем на осигурување на депозитите е случајот со Еуростандард банка.

Во одговорот на прашањето што треба да се направи, Гацов наведува две работи кои како што вели, ургентно треба да се донесат:

1) Со режимот на осигурување на депозитите да бидат опфатени МИКРО и МАЛИТЕ трговци соглесно со ЗТД, односно под депозити (што ќе бидат осигурени) да се подразбираат:
– денарските и девизните депозити,
– трансакциските сметки,
– депозитите врзани за парични картички и
– девизни приливи на правните лица (микро и мали трговци).

2) Да се подигне (од 30.000 евра) на 100.000 евра износот за обештетување од Фондот за осигурување на депозити. Осигурувањето да се однесува по депозит во една банка, филијала на странска банка и штедилница пресметани по средниот курс на НБРМ на денот на конечноста на решението за одземање на лиценцата.

На овој начин според него би се активирале механизмите кои постојат во Законот, а чија примена е одложена до влегувањето на Македонија во ЕУ.

„Ваквата одложена примена пред повеќе од десет години не изгледаше толку далеку колку што изгледа сега“, пишува Гацов.

Како единствена слаба страна на предлогот ги наведува зголемените трошоци за банките заради потребата од повисоко осигурување.

Слични содржини