Столтенберг: Нема да биде лесно да се надминат разликите со Русија

од Nikola Popovski
205 прегледи

Има значителни разлики меѓу НАТО и Русија кои нема да биде лесно да се надминат, но двете страни изразија подготвеност да го продолжат дијалогот, изјави во средата генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, по состанокот на Советот НАТО-Русија, кој се состана за прв пат од јули 2019 година.

„Ова не беше лесна средба. Разговаравме за ситуацијата во Украина и откривме дека постојат значителни разлики меѓу НАТО и Русија во однос на безбедноста во Европа, што нема да биде лесно да се премости“, рече Столтенберг на прес-конференција.

Столтенберг додаде дека НАТО и предложил на Русија серија состаноци на кои ќе се разговара за низа отворени безбедносни прашања, како што се контролата на оружјето и распоредувањето на проектили, и дека руските власти не можат да дадат директен одговор на предлогот пред да го проучат.

Амбасадорите на 30 членки на НАТО разговараа во седиштето на НАТО во Брисел со руска делегација предводена од рускиот заменик-министер за надворешни работи Александар Грушко за да се обидат да ги намалат тензиите поради трупањето на руската армија на границата со Украина.

Советот НАТО-Русија беше формиран во мај 2002 година како механизам за консултации и соработка меѓу двете страни. НАТО ја прекина соработката со Русија во април по нелегалната руска воена интервенција во Украина, вклучително и состаноците на Советот НАТО-Русија.

Но, за да останат отворени каналите за комуникација, од 2016 година до средината на 2019 година се одржаа неколку состаноци на тој совет.

Столтенберг предупреди дека руската инвазија на Украина би била голема грешка.

„Мораме да бидеме подготвени доколку Русија одлучи да војува, за што имаме примери во минатото. Тоа би била стратешка грешка која би имала тешки последици“, рече Столтенберг.

Тој додаде дека НАТО може да распореди дополнителни сили на своите источни членки доколку Русија ја нападне Украина.

„Доколку Русија уште еднаш употреби сила против Украина, тогаш треба сериозно да размислиме за потребата од дополнително зајакнување на нашето присуство во источниот дел на нашата Алијанса“, рече генералниот секретар на НАТО.

На прашањето дали постои опасност од вооружен конфликт во Европа, Столтенберг рече дека „постои реален ризик за нов вооружен конфликт, но дека НАТО ќе направи се што може за да го спречи тоа“.

Столтенберг рече дека Русија на состанокот зборувала за своите предлози, кои првпат ги презентирала минатиот месец, во кои бара НАТО да се обврзе да не прифаќа нови членки и да ги повлече силите од своите источни членки.

Слични содржини