Австрија на почетокот на февруари воведува задолжителна вакцинација против коронавирус за возрасни, со закана од високи казни, изјави австрискиот канцелар Карл Нехамер, наведувајќи дека е свесен за „чувствителноста“ на оваа одлука – прва ваква во Европа.
„Како што е планирано, на почетокот на февруари ќе воведеме задолжителна вакцинација за лицата постари од 18 години“, изјави пред новинарите шефот на конзервативната влада, која ја предводи заедно со еколозите.
Владата денеска предложи ревидиран план за задолжителна вакцинација, кој сега ќе важи за сите постари од 18, а не 14 години, како што првично беше планирано. Официјалните лица рекоа дека постепеното воведување на планот ќе им даде на луѓето доволно можности да се вакцинираат.
Владата пред речиси два месеци најави дека на почетокот на оваа година ќе воведе општа задолжителна вакцинација. Клучните аспекти на планот остануваат во конечната верзија, за која треба да се расправа во четврток во парламентот, но официјалните лица рекоа дека консултациите со две опозициски партии и други покажале дека се потребни промени во некои детали.
Канцеларот Нехамер рече дека постои загриженост поради тоа што тинејџерите се казнуваат, па затоа е направена промена и воведена е задолжителна вакцинација од 18-годишна возраст.
Нехамер рече дека предлог-законот е дизајниран да ја исполни флексибилноста на вирусот. Планот е задолжителната вакцинација да стане закон на почетокот на февруари.
Цела недела во Собранието се водеше жестока расправа за тој план во земја, каде што досега целосно се вакцинирани 78,5 отсто од населението што може да се вакцинира. Предлогот ќе се расправа во парламентот во четврток.
Австриската влада има големо мнозинство во парламентот, покрај конзервативците и зелените, овој предлог го поддржуваат и лидерите на Социјалдемократската и Либералната партија. Против него е само екстремно десничарската партија, во име на „заштита на индивидуалните слободи“.
Канцеларот рече дека тоа е „чувствителен план“, но дека е „во согласност со Уставот“ и дека има фаза на прилагодување што им овозможува на оние кои се двоумат да се вакцинираат до средината на март.
Во саботата 27.000 луѓе демонстрираа во австриската престолнина Виена против контроверзната мерка, за која се верува дека ги нарушува индивидуалните слободи.
На почетокот на февруари ќе се воведат контроли, а невакцинираните ќе можат да бидат казнети од 600 до 3.600 евра во случај на повторување на делото.
Делови од законот може да бидат суспендирани со одобрение на парламентарната комисија, доколку, на пример, идните соеви на вирусот се поблаги, или експертите велат дека вакцинацијата повеќе не е патот напред.