Вонредната состојба која беше воведена во Казахстан за време на немирите на почетокот на месецот истече вечерва на полноќ по локално време (20 часот по средноевропско време).
Казахстанските власти објавија дека во сите региони е повторно воспоставен ред и мир, но дека антитерористичките операции продолжуваат во неколку области, пренесе ТАСС.
Немирите почнаа на 5 јануари, а претседателот Касим Јомарт Токаев прогласи вонредна состојба во целата земја до 19 јануари на полноќ, а полициски час во истиот период од 23 до 07 часот.
По стабилизирањето на ситуацијата, властите постепено ја укинаа вонредната состојба од 12 јануари во одредени области.
Црвениот аларм се уште е на сила во најголемиот град Алмати, каде што продолжуваат антитерористичките операции.
Протестите започнаа на 2 јануари во мал град во западен Казахстан поради наглото зголемување на цените на горивото, но брзо се проширија низ целата земја и прераснаа во демонстрации против авторитарната влада, проследени со немири во кои загинаа повеќе од 220 луѓе.