Најдобриот светски тенисер Новак Ѓоковиќ е сопственик на данската компанија QuantBioRes која развива терапија против Ковид-19, потврди за Ројтерс генералниот директор на компанијата.
Според данскиот деловен регистар, Јелена и Новак Ѓоковиќ се вистински сопственици на данската компанија од 3 јуни 2020 година. Уделот на Јелена во сопственост е 39,2 отсто, а на Новак 40,8 отсто.
Директорот на компанијата Иван Лончаревиќ изјави дека инвестицијата е реализирана во јуни 2020 година, но одби да каже колкава е нејзината вредност, пишува Ројтерс.
QuantBioRes вработува 11 истражувачи во Данска, Австралија и Словенија, вели Лончаревиќ, кој нагласува дека се развива терапија, а не вакцина.
Компанијата развива пептид што го спречува коронавирусот да ги инфицира човечките клетки и очекува да започне со клинички испитувања во Велика Британија ова лето, рече Лоначаревиќ.
Портпаролот на Ѓоковиќ не одговори веднаш на барањето за коментар, пренесе Ројтерс.