За италијанскиот бренд за спортски автомобили Lamborghini, оваа година ќе биде последна во која компанијата ќе нуди само автомобили со мотори со внатрешно согорување, изјави извршниот директор Стефан Винкелман, цитиран од „Automotive News Europe“.
Марката на германската групација Volkswagen забележа рекордна продажба во 2021 година.
Lamborghini ќе се раздели со моторот со внатрешно согорување што се користи во легендарните модели како што е Aventador бидејќи компанијата се фокусира на хибридна технологија.
Концернот ќе го претстави својот прв „plug-in“ хибрид во 2023 година, по што целосно ќе ја електрифицира својата палета на производи до 2024 година.
За тековната година марката ги распродаде сите автомобили планирани за производство, изјави Винкелман.
Во 2021 година, компанијата испорача 8.405 возила ширум светот, што претставува зголемување од 13 проценти на годишно ниво. Продажбата во Европа, нејзиниот најважен пазар, се зголеми за 12%.
„Ова ќе биде последен пат да нудиме само мотори со внатрешно согорување“, вели Винкелман. Според него, Lamborghini одлично ја започнал годината.
Во 2022 година компанијата ќе претстави четири нови модели. Одвои рекордни 1,5 милијарди евра за воведување на „plug-in“ хибриди и планира да понуди целосно електричен модел во втората половина на оваа деценија.
Иако другите марки на суперавтомобили, како што се Ferrari и Aston Martin, се соочуваат со особено тешка задача да го задржат својот идентитет додека се трансформираат, идните планови на Lamborghini се поддржани од рекордната инвестиција на VW во нови технологии.
Lamborghini сè уште работи на конечниот дизајн за својот прв електричен автомобил, кој ќе има четири врати погодни за секојдневна употреба, рече Винкелман.