Ангеловска-Бежоска: Со подобро разбирање на процесот на носење на монетарните одлуки од јавностa, поефикасно се оценуваат активностите на монетарната политика

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Комуникацијата на централните банки е важна не само поради транспарентноста и одговорноста, туку и за задржување на кредибилитетoт, од кој зависи успешното спроведување на монетарната политика. Колку подобро се разбрани одлуките и мерките, толку економските субјекти ќе се однесуваат на очекуваниот начин и полесно ќе се постигне целта на централните банки, посочи гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска на предавањето коешто го одржа во рамките на Програмата за бизнис-лидери, организирана од Стопанската комора.

Предавањето коешто го одржа гувернерката Ангеловска-Бежоска беше посветено на начинот на комуникација на централните банки со пошироката јавност, мандатите на централните банки, како и показателите на коишто се заснова процесот на донесување на монетарните одлуки.

Гувернерката истакна дека во современи услови се прошири лепезата на инструменти со коишто централните банки ги остваруваат своите цели, при што комуникацијата со јавноста стана важен дел од инструментариумот на централните банки.

„Битно е јасно да се информира за монетарните одлуки, за причините за нив и за клучните ризици, за да може да се делува врз очекувањата и однесувањето на економските субјекти, а со тоа и врз ефективноста на монетарната политика. Кога се објавуваат одлуките за монетарната политика, се настојува што подобро да се објасни и зошто се донесени, бидејќи е важно да се разбере кои се клучните фактори од кои зависи сегашната и идната монетарна политика. Со подобро разбирање на процесот на носење на монетарните одлуки од страна на пошироката јавност, поефикасно се следат и се оценуваат активностите на монетарната политика”, посочи Ангеловска-Бежоска.

Начинот на комуникацијата на централните банки забележа големи промени, особено во последните десетина години, по глобалната финансиска криза. Покрај поголема транспарентност и отвореност за комуникација, променет е и начинот на кој се изразуваат централните банки во своите обраќања. Во однос на овие промени, особено може да се издвои примерот на Европската централна банка, којашто од почетокот на глобалната финансиска криза наваму, ја насочи својата комуникација кон идната поставеност на монетарната политика.

Народната банка во изминатиот период, вложуваше значајни напори во растот на квантитетот и квалитетот на комуникацијата со јавноста и на тој начин зголемување на транспарентноста и ефективноста на монетарните решенија. Внимание ѝ се посветува исто така и на финансиската едукација, заради подобро објаснување и разбирање на активностите.

Во однос на прашањето за мандатите на централните банки, таа истакна дека во последната декада постои глобален тренд на проширување на мандатите со вклучување повеќе цели, особено финансиската стабилност, проширување на задачите, особено во сферата на финансиската писменост и заштитата на потрошувачи, како и проширување на инструментите на централните банки.

Слични содржини