Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски апелира дека како држава треба да застанеме на страната на Украина и целите и интересите на НАТО.
– Македонија треба да го поддржи ставот на НАТО и на особено на САД за ситуацијата во Украина. Тие се наш клучен партнер, побара Николоски во гостувањето на емисијата „Клик плус“.
Според него, Македонија треба да го поддржи територијалниот интегритет на Украина.
-Треба да го следиме ставот и мислење на САД особено ако тој став не е на наша директна штета, а во случајот со Украина не е на наша штета, потенцира Николоски.
Неодамна и министерката за одбрана, Славјанка Петровска изјави дека С. Македонија во целост го поддржува суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.
Петровска додаде дека доколку НАТО побара од македонската армија да се вклучи во можниот конфликт на границата меѓу Русија и Украина, тоа може да се случи, но само со согласност на Владата и претседателот Стево Пендаровски.
-Ангажманот на нашата армија се дефинира на конференција за генерирање на сили кои се оддржуваат под Врховна команда на сојузничките сили на НАТО за Европа и секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно можностите. Во моментов имаме обврска и изготвуваме анализи за можноста за потенцијално наше учество во можната деескалација на ситуацијата. Одлуката после ја носи Владата, но и претседателот како врховен командант, појасни министерката за одбрана.