Брзиот антигенски тест за коронавирус во случајот на 15-годишната Ева Валрабенштајн од Хановер покажува позитивен резултат веќе девет месеци. Но, кога се тестира со ПЦР-тест, резултатот е секогаш негативен. Лекарите се уште не можат да најдат причина, а тинејџерката има проблеми секогаш кога прави брз тест за коронавирус, пренесува RTL.
Ева била тестирана за прв пат во училиште преку брз тест на 13 април 2021 година. Тестот покажал позитивен резултат по што ја повикала мајка си Кристина да ја земе на училиште.
И тогаш започнува маѓепсаниот круг. Ева се тестирала со ПЦР и е ставена во карантин додека не дошол резултатот. Три дена подоцна, дознава дека нема коронавирус. Следниот ден се враќа на училиште и наутро се тестира за корона со брз тест. Резултатот повторно бил позитивен.
„Беше многу непријатно, стресно. Не можев ништо да направам“, рекло 15-годишното девојче.
После тоа, истото се повторувало со недели, а таа пробала дури 30 различни брзи тестови за коронавирус, но сите дале позитивен резултат.
Лекарите се уште не ги утврдиле причините зошто девојчето е позитивно само на антигенскиоте тест, а во почетокот никој не и верувал. Таа морала да направи неколку тестови во присуство на учител или лекар за да навистина ѝ поверуваат во резултатите од тестот.
„Ни рекоа дека може да има лажно позитивни тестови, дека може да погрешно да го направиме тест итн. На почетокот никој не ни веруваше. Мојата ќерка во последните девет месеци неколку пати беше ставена во карантин, пропушти многу часови и не можеше да се дружи со пријателите затоа што да се биде активен во јавниот живот е возможно само со брз тест или дополнителна вакцинација“, објаснила мајката на девојчето.
Во меѓувреме, управата на училиштето ја ослободила 15-годишната од обврските за тестирање, а таа примила две дози од вакцината.
„Мислевме дека тоа ќе помогне и некое време таа ја имаше својата слобода додека властите не го воведоа правилото 2G плус. Сега се е одново. Ева сега може да ја прими третата, бустер доза, а потоа ќе имаме мир додека не се појави новото правило 2G плус-плус ѕвездичка“, вели разочараната мајка на девојчето од Хановер.