Директорката на Меѓународниот монетарен фонд Кристалина Георгиева во четвртокот рече дека е „премногу рано“ да се каже дали светот се соочува со период на одржлива инфлација, но предупреди дека неуспехот да се направат економиите поотпорни на идни шокови може да доведе до големи проблеми, објави Ројтерс.
Управниот директор на ММФ Георгиева им рече на новинарите дека глобалните политичари мора внимателно да ги калибрираат нивните фискални и монетарни политики во 2022 година за да се осигураат дека широкото повлекување за поддршка на КОВИД-19 и зголемените каматни стапки не го поткопуваат закрепнувањето.
ММФ минатата недела ги намали своите економски прогнози за Соединетите Американски Држави, Кина и глобалната економија, велејќи дека несигурноста во однос на пандемијата, инфлацијата, прекините на снабдувањето и заострувањето на монетарната политика на САД претставуваат дополнителни ризици.
-За разлика од првата година од пандемијата во 2020 година, кога министрите за финансии и централните банкари ги координираа и синхронизираа своите активности, околностите варираат во голема мера низ светот и тоа бара поголема „специфичност“ во одговорите, рече Георгиева.
Според неа, пандемијата „КОВИД-19 останува најголем ризик за светската економија“ и императив е да се засилат напорите за зголемување на нивото на вакцинација во земјите со ниски приходи и да се постигне глобалната цел за вакцинирање на 70 отсто од светското население до средината на 2022 година
Шефот на ММФ рече дека инфлацијата траела подолго и е повисока од очекуваното поради прекин на синџирот на снабдување, посилната од очекуваната побарувачка на потрошувачите за стоки и климатски шокови на цените на храната.
На прашањето дали овие околности и ескалацијата на кризата меѓу Русија и Западот околу Украина може да доведат до ера на одржлива инфлација, Георгиева рече: „Краткиот одговор е дека е премногу рано да се каже. Она што можеме да го предвидиме е дека светот е повеќе склон кон шокови“.
Таа истакна и дека напорите да се инвестира повеќе во човечката отпорност, економијата и животната средина во моментов ќе помогнат да се создадат повеќе можности за поголем раст на работните места и просперитет.
Неуспехот да се направат такви инвестиции ќе доведе до помрачна перспектива, што ќе доведе до „повеќе неочекувани настани за кои не сме подготвени“, рече Георгиева, додавајќи дека политичарите исто така не биле добро подготвени да се справат со повеќе од една криза истовремено.