Првите американски трупи кои ги зајакнуваат сојузниците на НАТО во Источна Европа и Германија поради руското воено засилување на границата со Украина пристигнаа во Германија, соопшти во петокот Европската команда на американската војска, пренесува Ројтерс.
„Војниците од 18-тиот воздушно-десантен корпус пристигнаа денеска во Визбаден“, рече портпаролот на командата во соопштението, додавајќи дека тие ќе формираат штаб во Германија за поддршка на 1.700 падобранци кои треба да бидат распоредени во Полска.
„Ова се први од 2.000 војници кои пристигнаа во Европа по најавата на Пентагон за преселба на дополнителни сили од САД во Европа за поддршка на нашите сојузници во НАТО“, се вели во соопштението.
Во средата, американскиот претседател Џо Бајден нареди речиси 3.000 дополнителни војници во Полска и Романија за да се заштити Источна Европа од потенцијалното прелевање од украинската криза.
Според Пентагон, ескадрилата „Страјкер“ од околу 1.000 американски војници со седиште во германскиот град Вилсек ќе биде испратена во Романија, додека околу 1.700 војници, главно од 82-та воздушно-десантна дивизија, ќе бидат распоредени од Форт Брег, Северна Каролина, во Полска.