Москва: Ќе најдеме купувачи на гас дури и ако „Северен тек 2“ не проработи

од Vladimir Zorba
233 прегледи

Под претпоставка дека гасоводот „Северен тек 2“ да не биде пуштен во употреба, Русија ќе најде други купувачи за гасот, изјави за РИА Новости постојаниот претставник на Русија во Европската унија, Владимир Чижов.

Американскиот претседател Џо Бајден се закани дека „Северен тек 2“, кој веќе е поставен на дното на Балтичкото Море, но се уште не е пуштен во употреба, „нема да го има“ во случај на ескалација на ситуацијата околу Украина.

Одговарајќи на таа изјава, Чижов рече дека лансирањето на „Северен тек 2“ „потребно им е првенствено на европските потрошувачи, а не на самата Русија“. „Ќе најдеме каде и како да продаваме гас, ако хипотетички замислиме дека нема да има „Северен тек 2“, рече Чижов.

Претходно тој изјави дека Русија, односно „Газпром“ не е обврзана да го зголемува извозот на гас во Европската унија. Тој истакна дека Русија веќе испорачува дополнителни количества, иако не до степен до кој сака Брисел.

„Северен тек 2“ е извозен гасовод со капацитет од 55 милијарди кубни метри годишно од Русија до Европа. Поставувањето на цевките е завршено, но гасоводот не може да работи без сертификација, која е суспендирана.

Кога германскиот регулатор ќе донесе нацрт-одлука за сертификација, ќе биде потребно мислење од Европската комисија, која има намера да донесе заклучок по консултациите со Украина.

Во меѓувреме, цените на гасот на европскиот пазар се зголемија многукратно во однос на минатото лето. Властите во европските земји постојано ја обвинуваат Русија дека предизвикува енергетска криза. Русите, од друга страна, велат дека му понудиле на Брисел продолжување на соработката во форма на долгорочни договори, но Европската комисија инсистира на пазарните цени, што доведе и до криза.

„Газпром“ во вторникот објави дека цената на неговиот гас во декември изнесувала 517,8 долари, наспроти 156,6 долари во декември 2020 година. Просечната цена за целата минатата година била 272,8 долари.

Овие цени се многукратно пониски од берзанските. Така, на 21 декември минатата година, берзанската цена на гасот во Европа за прв пат во историјата надмина 2.000 долари за илјада кубни метри, на бранот на претстојното студено време и многу ниските резерви во европските подземни складишта.

Но, во следните денови, цената се коригира поради затоплувањето, зголеменото производство на електрична енергија од ветерниците и зголемениот број танкери кои превезуваат течен природен гас (ЛНГ) од САД во Европа.

Слични содржини