Макрон: Важно е да се соработува со Русија

од Milan1
192 прегледи

Францускиот претседател Емануел Макрон денеска во Берлин истакна дека е важно да се соработува со Русија преку различни формати и најави продолжување на преговорите во наредните денови за да се реши украинската криза.
„Мораме да ги искористиме сите средства за да одржиме важен дијалог со Русија преку различни формати“, рече тој на заедничката прес-конференција со германскиот канцелар Олаф Шолц и полскиот претседател Анџеј Дуда во Берлин.

Тој изјави дека и рускиот претседател Владимир Путин и претседателот на Украина Володимир Зеленски јавно ја потврдиле својата посветеност за продолжување на овој дијалог и исполнување на договореното.

„Тоа е единствениот начин да се постигне мир во Украина“, нагласи Макрон во коментарите што Елисејската палата ги објави на Твитер, а пренесе „ТАС С“.

Макрон најави и дека преговорите во нормандискиот формат за решавање на украинската криза ќе продолжат во следните неколку дена.

„Во следните неколку денови и недели, во рамките на нормандискиот формат, ќе продолжиме со разговорите за политичката рамка за решавање на кризата. Исто така, нашите политички советници ќе одржат важен состанок“, рече Макрон.

Претходно, францускиот претседател рече дека политичките советници на шефовите на четирите земји кои го сочинуваат нормандискиот формат, Русија, Франција, Германија и Украина, ќе се сретнат на состанокот во Берлин на 10 февруари, а претходниот состанок на политичкиот формат на Нормандија советниците се одржа во Париз на 26 јануари по пауза од повеќе од две години.

Макрон денеска во Киев разговараше со украинскиот претседател Володимир Зеленски, а во понеделникот во Москва, меѓу другото, разговараше и за ситуацијата околу Украина со рускиот претседател Владимир Путин, јави ТАС С.

Киев: Чекаме сигнали од Москва, нема да ја поминеме црвената линија

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитриј Кулеба денеска изјави дека Киев со нетрпение ги очекува сигналите што францускиот претседател Емануел Макрон ги донесе од Москва по разговорите со рускиот претседател Владимир Путин.

„Многу пати сум кажал дека сме отворени за дијалог, дека сме конструктивни, дека бараме дипломатско решение, но нема да ги преминеме нашите црвени линии и никој не може да не принуди да ги преминеме“, рече Кулеба , пренесува РИА Новости.