Американскиот нуклеарен носач на авиони пристигна во Сплит (ВИДЕО)

од Milan1
314 прегледи

Откако хрватската влада даде одобрение, американскиот носач на авиони на нуклеарен погон „УСС Хари С. Труман“,  заплови во хрватските води.

Тој е со фрегатата на кралската норвешка морнарица, денеска ќе се закотви во Сплит, соопшти американската амбасада.

„Тоа е возбудлива можност за екипажот на двата брода да ги запознаат жителите на Хрватска и да ја доживеаат нејзината историја и живописниот пејзаж“, рече контраадмирал Курт Реншов, командант на Осмата ударна група.

„Неодамна, учествувавме во вежбата „Нептун удар 22“ со нашиот сојузник Хрватска, во рамките на Северноатлантската алијанса и со нетрпение очекуваме да поминеме време на брегот со нашите домаќини“, рече тој.

Посетата на пристаништето ќе биде и можност за морнарите да го доживеаат она што Хрватска го нуди и да ги зајакнат односите со хрватските граѓани, посочуваат од амбасадата.

Имено, екипажот во Сплит ќе учествува во хуманитарната акција во детскиот дом Маестрал, а ќе има и организирани туристички тури.

„Оваа посета на пристаништето во Сплит ќе биде клучна за да ја покажеме нашата решителност со американските партнери и сојузници во Јадранот“, рече капетанот Гевин Даф, командант на носачот на авиони Хари С. Труман“.

Американскиот носач на авиони „УСС Хари С. Труман“ веќе беше закотвен во близина на Сплит во 2015 година. Во функција е од 1996 година и е еден од нуклеарните носачи на авиони од класата Нимиц, најголемите носачи на авиони во светот, со големина на три фудбалски стадиони.

Долг е преку 300 метри и широк над 40 метри, со провев од 12 метри. Се напојува со два нуклеарни реактори кои овозможуваат брзина од над 30 јазли. Може да плови три милиони милји без полнење, скоро 25 години.

Името го доби по повоениот американски претседател Хари С. Труман, а познат е и како „Осамениот воин“.

Слични содржини