Сепаратистичкиот лидер во источна Украина, Денис Пушилин, поддржан од Русија, најави денеска евакуација на жителите од отцепениот укреаински регион Доњецк кои ќе бидат пренесени во југоисточниот дел на Русија, по засиленото гранатирање.
Објавувајќи го таквиот потег на социјалните мрежи, Пушилин, кој е лидер на самопрогласената „Доњецка Народна Република“, истакна дека Русија се согласила да обезбеди сместување за луѓето кои заминуваат и дека приоритет треба да им се даде на жените, децата и повозрасните лица. Според западни медиуми, во Доњецк сe уште нема знаци дека е започната евакуација.
Пушилин нагласи дека таков чекор е преземен поради „наглото влошување“ на воената ситуација. – Од денеска, 18 февруари, е организирана масовна централизирана евакуација на населението во Руската Федерација. Прво треба да се евакуираат жените, децата и повозрасните лица, наведе сепаратистичкиот лидер.