Одбележан Светскиот ден на мајчиниот јазик

од Nikola Popovski
200 прегледи

На речиси половина од јазиците што се зборуваат во светот им се заканува исчезнување, а во глобализацијата се зборува за мали јазици кои се соочуваат со предизвик да бидат зачувани. За важноста од негување и заштита на малите јазици е посветен Светскиот ден на мајчиниот јазик – 21 Февруари – определен од УНЕСКО, во чија Декларација за културна разновидност е потенцирано правото на секоја личност да се изразува и да создава на јазик што ќе го избере, а особено на својот мајчин јазик.

Седма година по ред Светскиот ден на мајчиниот јазик беше одбележан во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, а оваа година чествувањето беше поврзано со 150-годишнината од раѓањето на Гоце Делчев. Во програмата учествуваа ученици од четири скопски општински основни училишта „Гоце Делчев“ – од општините Центар и Илинден, од село Љубанци во Општина Бутел и од Горно Лисиче во Општина Аеродром.

„Милоста кон народниот јазик е наш долг и наше право“ и „Јазикот е нашата единствена татковина“ – со овие две пораки од Крсте Мисирков и од Блаже Конески, присутните на настанот во Институтот ги поздрави министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, која истакна дека мајчиниот јазик е идентитет и ДНК на секој човек.

– Генерации лингвисти и македонисти го носат товарот на одговорноста на зборовите на Мисирков – со милост да се врати долгот кон сопствениот јазик. Во тоа, Министерството за култура е ваш несомнен сојузник зашто поддршката и афирмацијата на македонскиот јазик се само дел од активностите што ги реализираше во изминатиот период за подобрување на мерките за заштита на македонскиот јазик како дел од нашето непроценливо културно наследство – рече Костадиновска-Стојчевска, потсетувајќи дека со средства од Министерството за култура и од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) веќе е почната дигитализацијата на картотеките на Институтот заради трајна заштита на над пет милиони записи.

Слични содржини