Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави денес дека верува оти „нема да има војна“ со Русија, но предупреди дека Украина ќе биде подготвена доколку ескалира руската воена агресија врз неговата земја.
„Разбираме дека нема да има војна. Нема да има општа војна против Украина и нема да има широка ескалација. А Ако има војна, Украина е подготвена, изјави Зеленски.
Изјавата на Зеленски дојде откако рускиот претседател Владимир Путин ја објави својата одлука да ги признае сепаратистичките региони на Народна Република Доњецк и Народна Република Луганск.
Зборувајќи на прес-конференција во Киев, Зеленски рече дека дејствијата на Русија се „напад врз суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина“, но повика на натамошен дијалог меѓу двете земји.
„Ја повикуваме Русија, и тоа не за прв пат, да ги реши овие прашања преку дијалог, да седне на преговарачка маса. Подготвени сме да преговараме во секоја форма, и Русија го знае тоа“, рече Зеленски.
И покрај повиците за континуирани дипломатски напори, Зеленски рече дека добил барање од Министерството за надворешни работи на Украина да размисли за прекин на дипломатските односи со Русија.
„Ќе размислувам за тоа, и не само за тоа, туку и за ефективни дејствија што можеме да ги преземеме во врска со ескалацијата на Русија“ рече тој.