Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков изјави дека тие би можеле да се сретнат со украинската влада под „одредени услови“.
Песков пред новинарите во Москва изјави дека рускиот претседател Владимир Путин ќе одлучи за времетраењето на воената операција.
„Целите дефинирани од Путин се разоружување и чистење на Украина од нацизмот. И двете претставуваат закана за нашата земја и за нашиот народ. Временската рамка ќе зависи од резултатите и напредокот и, се разбира, тоа го одредува Путин“, рече Песков.
На прашањето дали се подготвени да стапат во контакт со украинската администрација, Песков рече дека би можеле да се сретнат под „одредени услови“.
„Путин ја формулираше својата визија за тоа што да очекуваме од Украина за да ги решиме проблемите кои се наша црвена линија. Овие услови се однесуваат на прашањето за неутралност и одбивањето да се распореди оружје. Прашање е дали украинското раководство е подготвено за тоа“, рече Песков.
Зборувајќи за депрецијацијата, односно падот на вредноста на рубљата по почетокот на воената операција против Украина, Песков рече дека руските власти и на тој план ги презеле неопходните мерки.
„Емотивната реакција на пазарот беше предвидлива и беа преземени сите неопходни мерки ваквите реакции да бидат што пократки“, рече тој.