Даниловски: Веројатноста за срцев или мозочен удар е поголема кај тие што прележале КОВИД -19

од Маја Анчевска
1,5K прегледи

Иако, КОВИД-19 се смета за болест која првенствено ги напаѓа белите дробови, може да оштети и многу други органи, вклучувајќи го срцето, бубрезите, црниот дроб, панкреасот, мозокот. Некои возрасни и деца, по прележувањето, доживуваат мултисистемски воспалителен синдром, вели во интервју за „Локално“, професор и епидемиолог, д-р. Драган Даниловски.

Шансата за појава на пост-ковид синдром, општо земено, доктор Данилоски вели дека е правопропорционална со тежината на прележаниот КОВИД-19.

–  Фактот што вакцините ја намалуваат веројатноста за појава на тешки симптоми, ако дојде до заразување, значи дека се намалува и веројатноста од пост-ковид синдромот. Тие што прележале КОВИД-19, во споредба со непрележаните, општо земено, имале 60 проценти поголема веројатност да добијат миокардитис (воспаление на срцевиот мускул), срцева слабост, аритмии, срцев удар, мозочен удар и тромбоза, потенцира Даниловски.

 

Дали Ковид -19 покрај тоа што е респираторна болест е и мултисистемска болест, која има влијание врз централен нервен систем?

–  КОВИД-19 е предизвикан од респираторен корона вирус, кој навлегува преку дишните патишта, но тој е мултисистемска болест. КОВИД-19 предизвикува генерализирано воспаление на сите крвни садови, заради што претставува генерализиран васкулитис. Оттаму, зафатен е целиот организам, вклучувајќи го и централниот нервен систем. При тоа, може да настане енцефалитис, но најчесто тоа се манифестира со загуба на сетивата за мирис и вкус. За среќа, омикрон многу поретко предизвикува такви симптоми.

Кои се  последиците од коронавирусот поточно, дали со нарушеното функционирање на белите дробови може да  дојде до оштетувања на други органи и на кои?

– Иако КОВИД-19 се смета за болест која првенствено ги напаѓа белите дробови, може да оштети и многу други органи, вклучувајќи го срцето, бубрезите, црниот дроб, панкреасот и мозокот.

Некои возрасни и деца, по прележувањето, доживуваат мултисистемски воспалителен синдром.

КОВИД-19 предизвикува поголема веројатност за појава на тромби, бидејќи предизвикува воспаление на ендотелот на сите крвни садови – генерализиран васкулитис. Поголемите тромби можат да предизвикаат срцев или мозочен удар, а се верува дека голем дел од оштетувањата на срцето се должат на многу мали тромби, кои ги блокираат капиларите во срцевиот мускул. Други органи што може да бидат погодени од крвните тромби се белите дробови, нозете, црниот дроб и бубрезите.

Кои се симптомите кои се забележуваат кај личности кои прележале КОВИД-19?

–  Веројатноста да добијат пост-ковид синдром е најголема кај постарите луѓе и оние со тешки хронични состојби, но дури и младите, инаку здрави луѓе. Вообичаени знаци и симптоми се: замор, краток здив или отежнато дишење, кашлица, болки во зглобовите, болка во градите, проблеми со меморијата, концентрацијата или спиењето, мускулни болки или главоболки, брзо или силно чукање на срцето, губење на мирис или вкус, депресија или анксиозност, мозочна магла, екстремен замор, покачена температура, вртоглавица, гадење (и повраќање), влошување на симптомите по физичка или ментална активност.

 Пост ковид синдром по колку месеци од прележана болест би можел да се воочи?

– Повеќето луѓе кои имаат КОВИД-19 целосно се опоравуваат во рок од неколку недели. Но, некои прележани, околу 30 проценти од нив – дури и оние кои имале благи форми на болеста – продолжуваат да искусуваат симптоми и по прележувањето на болеста. Кај други, пак, после акутната фаза на болеста, симптомите исчезнуваат сосема, но можно е, после 3-6 месеци, да им се јават некои од горенаведените симптоми. Во обата случаи, се работи за т.н. пост-ковид синдром.

Една најнова студија, објавена овој месец во списанието Nature Medicine, покажа дека прележаните од КОВИД-19 имаат поголем ризик од кардиоваскуларни болести најмалку една година по оздравувањето.

Тие што прележале КОВИД-19, во споредба со непрележаните, општо земено, имале 60 проценти поголема веројатност да добијат миокардитис (воспаление на срцевиот мускул), срцева слабост, аритмии, срцев удар, мозочен удар и тромбоза.

Тој ризик бил правопропорционален на тежината на прележаната болест. Луѓето кои биле лекувани во единици на интензивна нега имале најголем ризик за кардиоваскуларни болести по оздравувањето. Оние кои не биле хоспитализирани имале двојно поголема веројатност да добијат белодробна емболија од оние кои немале ковид, а кај оние кои биле лекувани во единици на интензивна нега веројатноста била повеќе од 21 пати поголема.

Овој ризик постоел кај обата пола, кај сите возрасти, раси и срцеви фактори на ризик, како што се пушењето, високиот крвен притисок и дебелината.

Очигледно е дека КОВИД-19 веќе треба да се смета за кардиоваскуларен фактор на ризик, како што се дијабетесот, високиот крвен притисок и холестеролот.

Кои се Ваши препораки за граѓани кои заболеле од вирусот КОВИД-19?

– Во првата година по прележувањето, основно е да бидат внимателни и да се јават кај својот лекар, при секоја појава на забрзан пулс, прескокнувања или ненадејна појава на замор.

Постепено да го дозираат напорот, ако се занимаваат со некоја физичка активност, спорт. Да престојуваат што повеќе во природа, зашто само на отворено, особено ако има многу зеленило, кислородот е јонизиран, а само таков директно се употребува од клетките за дишење. Се добива чувство дека полесно се дише! Во урбана средина кислородот е молекуларен, заради отсуство на природното магнетно поле на Земјата (ефект на Фарадеев кафез на армираниот бетон). За да се искористи за дишење, организмот мора да вложи напор да го јонизира.

Да јадат што повеќе свежо овошје и зеленчук, заради внес на антиоксиданси, но и витамини, минерали и пребиотици (растителни влакна). Секој ден да имаат некоја интегрална житарка. Почесто да јадат морска мрсна риба (лосос, скуша, харинга, сардина, туна) и пилешко, а поретко црвено месо. За Д3 може и суплемент од октомври до март. Да ја негуваат својата цревна бактериска флора (која е регулатор на имунолошкиот систем) со внес на пробиотици од природни извори (ферментирани млечни продукти, но и туршија – кисела зелка, на пример). Да исфрлат концентрирани шеќери, а сол да редуцираат на 2,5 грама дневно. Да пијат големи количини течности. Најблиска до идеалната е т.н. медитеранска исхрана.

Дали вакцинираните, кои се заразиле со коронавирус имаат шанса да го избегнат пост ковид синдромот?

–  Фактот што вакцините ја намалуваат веројатноста за појава на тешки симптоми, ако дојде до заразување, значи дека се намалува и веројатноста од пост-ковид синдромот. Зашто, веќе рековме, шансата за појава на пост-ковид синдром, општо земено, е правопропорционална со тежината на прележаниот ковид.

 

M.A.

Слични содржини