Русија го ограничува пристапот до Фејсбук

од Nikola Popovski
231 прегледи

Регионалното тело за комуникации на Русија соопшти дека го ограничува пристапот до Фејсбук во земјата, обвинувајќи ја мрежата за „цензурирање“ на руските медиуми.

Мета, компанијата сопственик на Фејсбук, претходно донесе одлука руските државни медиуми да ги означи со ознаката „Медиуми под контрола на државата (Русија)“, пренесува Индипендент.

Мета посочи и дека подготвуваат нов пакет мерки за руските државни медиуми. Мерките имаат за цел да го спречат ширењето на дезинформации на платформата бидејќи ситуацијата во Украина се влошува.

Властите во Русија оваа одлука ја окарактеризираа како „цензура“ и го обвинија Фејсбук за кршење на човековите права на руските граѓани.

Росконадзор, државното регулаторно тело за комуникации во Русија, објави дека поради тоа делумно го блокира пристапот до Фејсбук во земјата. Тие додаваат дека мрежата ги игнорирала барањата на таа институција за укинување на ограничувањата за четири државни руски медиуми на нејзината платформа.

„Во согласност со одлуката на Генералното обвинителство на Русија, почнувајќи од 25 февруари 2022 година, воведуваме ограничувања за пристап до социјалната мрежа Фејсбук на територијата на Руската Федерација“, се вели во соопштението на регулаторното тело, пренесува Ројтерс.

Москва со години се обидува да воспостави контрола над интернетот и бизнисот на големите технолошки гиганти во таа земја. Аналитичарите сметаат дека тоа ја загрозува слободата на поединци и корпорации и дека е дел од пошироката пресметка со отворените противници на Кремљ.

Слични содржини