Војната во Украина не е само катастрофа за таа земја, туку ќе се покаже како катастрофа за Русија, изјави германскиот федерален канцелар Олаф Шолц во говорот на специјалната седница на германскиот Бундестаг.
Тој рече дека рускиот народ не е виновен за војната, туку дека тоа е „војна на Путин“.
Шолц рече дека овој напад е пресвртница по која светот повеќе нема да биде ист. Посочи дека Путин се обидел да ја врати Европа во 19 век, во кој, како што рече, големите сили ги менувале границите по своја волја.
– Напаѓајќи ја Украина, Путин не сака да избрише само една земја од мапата, туку ја уништува европската безбедносна рамка и се става на страната спротивна на меѓународната заедница – рече Шолц, додавајќи дека е „срамно“ што Русија сама се спаси со ветото во Советот за безбедност од осуда за агресија.
Тој рече дека без Русија нема долгорочна безбедност за Европа, но дека Путин сега и се заканува.
– Со инвазијата на Украина ние сме во ново време. Луѓето во Украина се борат за основните вредности, кои ги споделуваат со нас, вели канцеларот.
Шолц рече дека санкциите веќе даваат резултати и ја пофали храброста на рускиот народ кој излезе на улиците да протестира против војната.
Потсетуваме, Специјалната седница на Бундестагот во Берлин, посветена на војната во Украина, штотуку започна, а украинскиот амбасадор во Берлин, како специјален гостин, е пречекан со овации од сите фракции во парламентот.