Руските милијардери Михаил Фридман и Олег Дерипаска повикаа на прекин на руската инвазија на Украина, со што се спротивставија на Кремљ.
Фридман, кој е роден во западна Украина, во писмо до вработените рекол дека „сака крвопролевањето да престане“, пишува Си-Ен-Ен. „Моите родители се Украинци и живеат во Л`вов, мојот омилен град. Но, најголемиот дел од мојот живот го поминав како граѓанин на Русија, градејќи и развивајќи бизнис. Се чувствувам длабоко поврзан со народот на Украина и Русија, за мене овој конфликт е трагедија за двете нации“, напиша Фридман.
„Оваа криза ќе донесе загуба на животи и штети на два народа кои се братски стотици години. Иако се чини дека решението е сè уште далеку, единствено ми останува да им се придружам на сите оние кои искрено сакаат да престане ова крвопролевање“, додава тој во писмото објавено од неговиот кабинет. Писмото првпат го објави „Фајненшл тајмс“.
Фридман е шеф на Групацијата „Алфа“, приватен конгломерат кој работи првенствено во Русија и поранешните советски држави, а се занимава со банкарство, осигурување, продажба и производство на минерална вода. Личното богатство на Фридман се проценува на 11,4 милијарди долари, според индексот на милијардери на Блумберг. Тој е и шеф на „Алфа банка“, четвртата по големина руска компанија за финансиски услуги и најголемата приватна банка во Русија. „Алфа банка“ минатата недела беше под санкции за да ја спречи да собира пари на американскиот пазар.
Повикот на Фридман за мир го повтори Дерипаска, милијардер кој се збогати во алуминиумскиот сектор. „Мирот е многу важен! Преговорите мора да почнат што е можно поскоро!“, порача Дерипаска во неделата во телеграмата.
Тој во понеделникот во низа соопштенија се осврна и на економската состојба, бидејќи руската рубља пропадна, а берзата во земјата не се ни отвори.
„Сакам да слушнам објаснувања и интелигентни коментари за економската политика во следните три месеци“, рече Дерипаска. „Неопходно е да се промени економската политика, мора да ставиме крај на овој државен капитализам“, додаде тој.
Дерипаска излезе од хаосот по распадот на Советскиот Сојуз со огромно богатство, кое Форбс го процени на 28 милијарди долари во 2018 година. Потоа, САД му воведоа санкции, наведувајќи дека олигархот е „неразделен од руската држава“.
Руските олигарси се соочуваат со економски санкции и казни наметнати од Западот откако рускиот претседател Владимир Путин им нареди на неговите војници да влезат во Украина минатата недела. Соединетите држави и нивните сојузници, вклучително и Обединетото Кралство, одговорија на потегот на Путин со воведување санкции за богати поединци кои имаат силни врски со Кремљ.
Соединетите Држави отидоа чекор подалеку – насочени кон семејствата на олигарсите – во обид да ја соборат поддршката за Путин меѓу руската елита. Минатата недела американското Министерство за финансии воведе санкции за синовите на двајца од најблиските соработници на Путин.
„Елитите блиски до Путин продолжуваат да ја користат својата блискост со рускиот претседател за да ја ограбуваат земјата, да собираат богатство и да обезбедат највисоки позиции на моќ за членовите на нивните семејства“, соопшти Министерството, најавувајќи санкции.