Преговори: Москва бара Украина да одржи референдум за неутралниот статус, Киев со апел за прекин на огнот

од Nikola Popovski
209 прегледи

Уште една рунда разговори меѓу руската и украинската делегација е закажана за 2 март, објави во вторник украинскиот медиум Зеркало Недели, а пренесува руската агенција ТАСС.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави во вторникот дека Русија мора да престане да ги бомбардира украинските градови пред да започнат значајни разговори за прекин на огнот.

ТАСС понатаму пишува дека украинскиот медиум „Главком“, повикувајќи се на извори во украинската делегација, ги открил ставовите искажани од страните на првата средба.

Русија, наводно, побарала Украина да се обврзе на хартија преку документ, на парламентарно ниво, дека гарантира одржување на неутралниот статус и да одржи референдум по ова прашање. Руската страна побарала од Украина да ги признае Доњецк и Луганск во административните граници на соодветните региони и да се откаже од барањето за враќање на Крим на Украина. Според Главком, Украина побарала прекин на огнот и повлекување на руските војници од нејзината територија.

Од горенаведеното, може да се заклучи дека Русија може да тргува со прашањето за признавање на Доњецк и Луганск, но дека има две цврсти и фиксни точки: неутралност и прифаќање на Крим како дел од Русија.