Рускиот министер за надворешни работи рече дека Третата светска војна ќе биде нуклеарна и деструктивна.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров денеска изјави дека се очекува украинската и руската делегација да ги продолжат преговорите, како што беше претходно договорено.
Тој посочи дека Москва е подготвена за вториот круг, а делегацијата ќе почека, но дека „украинската страна купува време во согласност со инструкциите на САД“.
Лавров рече дека Западот одбил да ги исполни барањата на Русија за формирање на нова европска безбедносна архитектура.
Тој исто така посочи дека Русија нема да дозволи Украина да се здобие со нуклеарно оружје.
Коментирајќи ја изјавата на Бајден дека алтернатива на тешките санкции кон Русија поради настаните во Украина ќе биде почеток на „Третата светска војна“, Лавров рече дека тоа ќе биде деструктивно.
– Третата светска војна би била нуклеарна и деструктивна – рече Лавров.
Министерот за надворешни работи рече дека Русија е подготвена за санкции, но дека не очекувале тие да бидат воведени за спортисти, новинари и претставници од културниот сектор.
Лавров во интервју за Ал Џезира рече и дека статусот на Крим не е нешто за што може да се преговара.
„Крим е дел од Русија и нема преговори“, рече Лавров.