Протести против руската окупација избувнаа во Херсон, единствениот голем град во Украина кој досега е освоен од руската армија.
Околу 2.000 луѓе прошетаа во центарот на градот, веејќи знамиња и пеејќи ја украинската химна.
Демонстрантите извикуваа и патриотски пароли „Руси одете си дома“ и „Херсон е Украина“.
Од почетокот на војната во Украина, ширум светот се одржуваат антивоени протести за поддршка на Украина.
Што се случи на протестот?
На снимката од протестот, објавена на социјалните мрежи, се гледа како руски војници пукаат во воздух за да ја спречат толпата која им се приближува.
Жител на Херсон, кој се претстави како Јевхен, изјави за Би-Би-Си дека протестот е марш за слобода и украинска независност.
Запрашан дали украинските сили се обидуваат да го вратат Херсон под своја контрола, тој рече:
„Секоја вечер слушаме околу шест или 10 експлозии. Звучи како минофрлачи. Не знаеме кој кого бомбардира“.