Јовановиќ за руската листа: Болката на Путин е што нашата држава има правец и цел

од Маја Анчевска
492 прегледи

– Oва не е никаква стратегија на Путин, ова е наше позиционирање за тоа колку ние сме навистина Европјани. „Докажете дека навистина сте Европјани“ – со овие зборови претседателот Зеленски им упати предизвик на сите земји и лидери пред Европскиот параламент, преку видео линк, а тој беше внатре во неговиот Спартански кабинет во Киев, вели во разговор за „Локално“, аналитичарот Ненад Јовановиќ,  во врска сo објавување на список од страна на Русија, на кој и С.Македонија е наведена како непријателска земја.

Тој потенцира дека европските институции ветиле дека ќе работат на тоа Украина да добие статус-кандидат.

– И во таа смисла, од официјалните информации кои ги читам од наша Влада, Северна Македонија ја разбира борбата на Украинскиот народ, го разбира човечкото достоинство и ја разбира борбата за слобода,  демократија и човекови прави вградени во членот број 2 на Договорот за ЕУ, додава тој.

Според Јовановиќ, руската амбасада направила перфиден обид, да изигрува денунцијант во Северна Македонија.

– Не се работи за страв, туку се работи за однос кон насилството. И за стратешкиот правец на мојата земјата. Притоа, во оваа белја ние не сме сами. Северна Македонија не е сама,  имаме сојузници на важни стратешки места. Не гледам причина за страв, потенцира аналитичарот.

Во однос на тоа дали Русија до некаде сака да наметне влијание и пропаганда на нашите простори, тој тврди дека тоа Русија го прави од поодамна.

–  Нејзините сателити во оваа земја се партијата на „Единствена Македонија“, а од она што последно време го исчитувам, гледам дека и партијата „Левица“ се вози на руската хистерија и пропагандна машинерија, информира Јовановиќ.

Според Јовановиќ  нема никаква причини за ваков однос на официјална Москва.

– Северна Македонија е мирољубива и пријателска земја. Болката на Путин во нашиот случај е што нашата држава има правец и цел: а тоа е својата смисла да си ја бара во интеграција на НАТО и Европската унија. Ние сме мала земја, а малите земји мора каде и со кого да одат. Ние, ете, се одлучивме за Европа. И во таа цел, на моја голема радост, остануваме доследни верници, вели Јовановиќ.

Јовановиќ смета дека односот е заоштрен, поради што сега на површина ќе излегуваат КГБ-денунцијанти во земјата и во регионот кои со руски рубљи се хранеле со години.

–  Наша обврска како граѓани и луѓе кои можат нешто да кажат во јавниот простор е да бидеме со широко отворени очи. И ако може Украина да се бори, најмалку што ние може да им каже е следното: „Ви благодариме што со вашата борба се обидувате да створиме силна и одлучна Европа која ќе ги следи Западните вредности на слобода, демократија и човекови права“. Знаете како, за тоа се живее, а понекогаш за тоа вреди и да се умре, потенцира Јовановиќ.

М.А.

Слични содржини