Поранешната министерка за надворешни работи на Австрија, Карин Кнајсел, на чија свадба гостуваше рускиот претседател Владимир Путин, вели дека животот и бил уништен поради блискоста со Москва.
Кнајсел за германски РТЛ изјави дека се смета себеси за „политички бегалец“, бидејќи морала да ја напушти Австрија поради постоечката забрана за работа поради нејзиниот однос кон Путин.

„Морав да побегнам. Не си заминав доброволно“, објасни таа за преселбата во едно француско село.
Таа рече дека не можела да замисли дека ќе мора да се откаже од се што изградила. Поради нејзината блискост со Путин, додава таа, никој не сака да ја вработи.
Имено, Кнајсел во 2018 година беше на насловните страници на медиумите ширум светот, откако лично Путин дојде на нејзината свадба.
Кнајсел вели дека не жали што го поканила Путин на свадбата и дека не сака да ја напушти работата во руски „Роснефт“, иако е под голем притисок.
„Мојот живот е веќе уништен“, вели Кнајсел, додавајќи дека не сака да се дистанцира од Путин.
Според виенскиот весник „Пресе“, поранешната шефица на австриската дипломатија ја загубила позицијата во австриското друштво за политички и стратегиски студии „Сратег“, каде што била прв потпретседател.
Таа наводно поднела оставка од функцијата во компанијата финансирана од австриското Министерство за одбрана.
„Пресе“ наведува дека таа не поднела доброволна оставка, туку неколку пензионирани генерали побарале Друштвото да се „ослободи“ од Кнајсел.
