Руското Министерство за одбрана не ја исклучува можноста да ги стави под целосна контрола главните украински градови, изјави денеска за новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Обезбедувајќи максимална безбедност на цивилното население, Министерството за одбрана не ја исклучува можноста за ставање под целосна контрола на големите населени места кои се веќе практично опколени денес, со исклучок на зоните што се користат за хуманитарна евакуација“, рече Песков, а пренесува „ТАС С“
Тој посочи дека претседателот на Русија, Владимир Путин, на почетокот на специјалната операција во Украина дал инструкции веднаш да не се напаѓаат градовите, вклучително и Киев, поради можни големи загуби меѓу населението, пренесе РИА Новости.
Песков потсети на американското бомбардирање на градовите во Југославија
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков денеска потсети на американското бомбардирање на градови во Југославија и изјави дека руските вооружени сили користат високопрецизно оружје за време на специјалната операција за демилитаризација во Украина, насочени само кон воени цели.
„Целиот свет го знае безмилосниот стил на американските власти кои за да ги постигнат своите цели не се грижат за животите на цивилите. Сите се сеќаваат на подмолното бомбардирање на поранешна Југославија, ракетните напади врз центарот на Белград“, рече Песков.
Москва активно работи на намалување на последиците од западните санкции
Руски функционер ги коментираше изјавите на претседателот на Соединетите Американски Држави, Џозеф Бајден, за перспективите на руската економија наспроти западните санкции, пренесува „ТАС С“.
Русија презема соодветни мерки и ќе може да ги намали последиците од економската војна што западните земји ја водат против неа, изјави денеска на брифинг со новинарите портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Руската операција според планот, не баравме помош од Кина
Руската специјална воена операција во Украина продолжува во согласност со првичниот план и ќе биде завршена навреме и целосно спроведена, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
„Русија има доволно потенцијал да спроведе специјална воена операција во Украина. Операцијата се изведува во согласност со првичниот план и ќе биде завршена навреме и во целост“, нагласи Песков, а пренесе „ТАС С“.