Антилибералните ставови, засилени со интензивни дезинформациски кампањи спроведени од актери кои наводно ги штитат „традиционалните вредности“, значително влијаат врз општествената поларизација, што е клучен извор на ранливост во голем дел од земјите во регионот, па и кај нас, вели во интервју за „Локално“, Илија Џугуманов, генерален секретар во Евро-Атлантски Совет.
Дециден е дека дезинформациски кампањи ја поткопуваат и онака кревката слика за ЕУ, која претходно дополнително била предизвикана од пандемијата.
– Реформите кои ги спроведуваме, не ги спроведуваме за да ги задоволиме европските лидери, туку за да го подобриме стандардот за македонските граѓани и да ја поддигнеме демократката култура, појаснува тој.
Русија побара воена помош од Кина, дали станува збор за „замачкување очи“, а всушност да има оружје и одеднаш да изненади со напад со најсофистицирано оружје?
– Иако кружеа информации, од aмерикански извори, дека Русија побарала воена помош од Кина, Кина ги негираше ваквите тврдења, сепак без да каже дали би помогнала доколку тоа се случи. Исто така и од руска страна, веднаш беа демантирани ваквите информации.
Сепак, уште од самиот старт на инвазијата во Украина, гледаме дека Русија покрај своите армиски капацитети, во прв план голем дел млади и неадекватно обучени, и својата територија, ја користи територијата на Белорусија за својата офанзива. Исто така, евидентно е дека се користат и други парамилитарни структури, надвор од својата армијата (пример Чеченците).
Покрај првичната офанзива на руската армија, евидентни се голем дел на слабости што се манифестираат на терен. Иако Путин, не ја употреби целата воена моќ досега, загубите во жртви и армиски капацитети се огромни, верувам и неочекувани од негова страна. Дали тоа се должи на високата корупција во армијата, која е природна појава во авторитарните системи, инвестирање во скапи воени играчки без соодветна логистика и воена трансформација или пак немањето на морал и јасна визија кај човечките капацитети, зошто се во војна против братски народ, не би сакал да шпекулирам.
Но, едно е јасно, на огромното инвестирање во воените капацитети изминатите години, руската армија, која важи за една од најмоќните во светот, многу тешко се справува со офанзивата на една значително помала земја.
Дали ќе дојде до загрозување на внатрешна безбедност на Македонија, бидејќи се поприсутни се антизападни и антинато сили во Македонија, т.е поддржувачи на Русија?
– По многу истражувања и статистики, прозападните сили во земјата се најголемите двигатели на позитивни промени и реформи во општеството. Сепак долгиот пат кон евро -атлантските структури, придонесе македонското општество, да го карактеризира поларизација во антагонистички политички кампови, кои го прават ранливо кон странско влијание, а со тоа дополнително се комплицира и домашниот пејзаж.
И покрај присуството на политички актери кои им служат на интересите на Москва, растечката фрустрација во општеството по бројните неуспеси во процесот на пристапување во ЕУ, како и идентитетските проблеми наметнати од соседите, политичките елити во земјата остануваат посветени на членството во евро-атлантските структури.
Сепак, антилибералните ставови, засилени со интензивни дезинформациски кампањи спроведени од актери кои наводно ги штитат „традиционалните вредности“, значително влијаат врз општествената поларизација, што е клучен извор на ранливост во голем дел од земјите во регионот, па и кај нас.
По анализите кои ги правиме, ваквите ставови често произлегуваат од широко распространето незадоволство и разочарување од тоа како функционира демократијата. Овие фактори, во комбинација со зголеменото влијание врз медиумите со цел добивање на краткорочни политички поени, ги туркаат луѓето кон дезинформации и им даваат предност на авторитарните системи на управување, а со тоа ја загрозуваат демократијата и внатрешната безбедност.
Проруските поддржувачи, традиционално се присутни во нашето општество, што е и природно. Па, во таа насока и покрај комплексната слика за македонските граѓани, предизвикана од пандемијата, економската криза и војната во Украина, не очекувам дека ќе дојде до поголема внатрешна дестабилизација.
Оттука треба ли да се зголеми безбедноста на нашата држава?
– Со самото членство во НАТО, значително се зголеми безбедноста на нашата држава. Особено од закани од надвор, бидејќи станавме партнер со 29 други земји, најразвиените демократии.
Не врзано со кризата во Украина, членките на НАТО уште пред неколку години, си поставија за цел, зголемување на своите буџети за одбрана на најмалку два отсто од бруто домашниот производ. Само неколку од земјите ја исполнија оваа цел.
Самата криза на источното крило, придонесе една Германија веднаш да реагира во насока на зголемување на безбедноста, инвестирање во одбраната и воените капацитети. Иако во минатото, СПД, Зелените и Левицата секогаш ја отфрлаа целта од 2%.
Без разлика на контекстот со Украина, нашата земја од 2017 година постојано го зголемува армискиот буџет, најмалку за 0,2%, а посебно ме радува што во рамка на тој буџет се зголемува процентот за модернизација и опрема за војниците за 25%, што е исполнување на уште еден од критериумите на НАТО. Учеството во меѓународните мисии, уште толку ја зголеми професионалноста, мобилноста и спремноста на нашата армија.
Како најнова членка на Алијансата, иако не го исполнуваме прагот од 2%, сметам дека треба да го продолжиме тој тренд на раст, а посебен фокус да ставиме на регионалната соработка во делот на безбедноста и одбраната. Како мала земја, со капацитетите кои ги имаме, мораме паметно да соработуваме со нашите соседи, но и со останатите НАТО земји членки.
Од што произле револтот на македонските граѓани во однос на Украина, а еве и сега за нашите преговори за влез во ЕУ?
– Искрен да бидам, не сум сигурен од каде произлегува целиот револт кон една нација која е во ваква тешка состојба, која иако во километри ни е далечна, сепак по многу карактеристики, ни е многу блиска. Покрај јазик, религија, култура и традиција, тука би го спомнал и самиот процес на независност, оспоруваниот суверенитет и идентитет.
Во таа насока, имајќи ги во предвид нејасните аргументи на претседателот Путин, за самата инвазија на Украина и почеток на најголемата братоубиствена војна во Европа, не знам зошто, кај некои луѓе се појави толкав револт. Според мене лично, колку ни е близок народот во Русија, толку ни е близок и украинскиот народ.
Единствен логичен аргумент за незадоволство во контекст на ситуацијата со Украина и нашите преговори за членство во ЕУ, го гледам во самото барање на Украина за брзо членство ЕУ и изјавите на дел од европските претставници, дека го поддржуваат тоа.
Сепак да бидам јасен, не постои краток пат за членство во ЕУ, посебно не по неодамна наметнатите дополнителни критериуми за членство. Инаку, секоја од земјите, сама ја гради соработката, па и така го трасира својот пат кон ЕУ. Затоа најдобро е ние да си ја гледаме работата во својот двор, бидејќи реформите кои ги спроведуваме, не ги спроведуваме за да ги задоволиме Европските лидери, туку за да го подобриме стандардот за македонските граѓани и да ја поддигнеме демократката култура.
Во таа насока, без да се гледаат ситуацијата и фактите, веќе се шири лажна слика дека една Украина вчера посака и веднаш стана членка, а ние не можеме повеќе од 15 години. Ваквите дезинформациски кампањи, се повеќе ја поткопуваат и онака кревката слика за ЕУ, која претходно дополнително беше предизвикана од пандемијата.
Се поприситно е иницирање на прашањето за европска интеграција на Западен Балкан кон Европската Унија, во што е можно побрз рок, воедно имавме и средба на Европската Комисија и висок претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел, поточно со Ковачевски и Маричиќ, на што се должи тоа, дали има некој страв кај нас и се бара побрз влез во ЕУ?
– Точно е дека прашањето за европската интеграција на Балканот е присутно и сега но, и во минатите неколку години, а обврска на нашите политичари е да го одржуваат актуелно посебно во Европските кругови, но и билатерално со секоја од членките на ЕУ. Се со цел, да ги започнеме преговорите за членство час поскоро.
Самата комплексност на ситуацијата во Украина, на некој начин го освести пасивното крило во ЕУ. Денес, како производ на инвазијата на Путин во Украина, имаме една солидарна Европа, можеби како никогаш во поновата историја.
Стравот постои и кај големите сили, но сепак самата посета не верувам дека се должи на стравот во нашето општество или пак кај политичката елита. Посетата главно се однесува на потврдување на поддршката и посветеноста на ЕУ кон западниот Балкан. Односно потврда на политката на отворени врати, по исполнување на критериумите.
Доколку за краток временски рок не влеземе во ЕУ дали и која ќе биде нашата реална слика, ќе следи ли некоја дестабилизација кај нас?
– Повторно да бидам јасен, не постои краток пат за членство во ЕУ, посебно не по неодамна наметнатите дополнителни критериуми за членство. Тоа го изјавив во интервју и на почетокот од самата инвазија во Украина, но вчера го потврди и високиот претставник за надворешни работи на ЕУ, Жозеп Борел.
Самите ветувања и целиот ентузијазам дека со преспанскиот договор, покрај загарантираното членство во НАТО, нашата земја ќе започне преговори со ЕУ не се остварија. Во таа насока, целата еуфорија во однос на членството згасна, но и поддршката се намали.
Дополнително, наметнатите проблеми од соседите, кои главно го задираат во суверенитетот и идентитетските прашања, дополнително ја зголемија разочараноста и несигурноста кај граѓаните.
Но, сепак дополнителна дестабилизација не очекувам. Не гледам ни друга понудена реална алтернатива. Туку само негација и критика на нешто што функционира и во најразвиените земји.
Нас ни е потребно час поскоро да ги започнеме преговорите за членство со ЕУ заедно со Албанија, со што дополнително би се потврдила поддршката и отвореноста на унијата.
Споменав и претходно, секоја од земјите, сама ја гради соработката, па и така го трасира својот пат кон ЕУ. Патот ќе е долг и макотрпен, но наше е да продолжиме со прогресот, реформите и што повеќе да оставаме позитивен пример во европските кругови, каде што лично ви тврдам дека имаме доста симпатии.
Иако не сме членка на унијата, би ги повикал оние поскептичните само да ги истражат фактите и бројките. Што добиваме како неповратни средства од ЕУ? Колкава е нашата трговска размена со земјите од ЕУ? Кој инвестира најмногу во проекти и влијае на зголемување на нивото на демократизација на институциите и општеството?
Доколку некои од параметрите се макар приближни со некоја друга европска земја или постоечка унија, би сакал да ме известат.
М.А.