Се наоѓаме во енормна енергетска и ценовна криза годинава и ние треба да се приспособиме на тоа и тоа да го прикажеме во Буџетот, бидејќи се друго не би се реализирало. Затоа правиме консултации и ревидирање на Буџетот за да се приспособи кон она што ќе се случи, но при тоа, како и минатата година, која, исто така, беше тешка и успеавме да оствариме раст и годинава планираме раст, но кој ќе се ревидира поради драстично сменетата ситуација.
Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување на 24 Анализа, во која посочи дека проектираниот раст за годинава од 4,6 % се базираше на зајакнување на инвестициите и дека тоа останува и понтаму приоритет што е опфатен и во сетот мерки.
И во 2021 и во 2022 година генерално растот се базираше на растот на инвестициите. Го презентиравме Планот за забрзан раст, каде покрај буџетските средства се планираат во наредниот период да се промовираат инструменти што ќе привлечат приватен капитал и тоа да го поттикне растот. Тоа е опфатено и со новиот сет мерки каде се проценува дека неговиот импакт ќе биде над 500 милиони евра, истакна министерот.
Тој ги напомена мерките преку Развојната банка за кредитна линија со поволни услови за компаниите од 100 милиони евра, за што се разговара со Европската инвестициска банка за зелена транзиција, дигитализација и конкуреност, а која, како што појасни, ќе мобилизира дополнителни 200 милиони евра поволни кредити од комерцијалните банки за инвестиции.
-Со 100 милиони евра задолжување ќе обезбедиме 300 милиони евра кредитирање на стопанството. Тоа е тој ефект, а при тоа ќе имаме фискална консолидација не само на расходната страна, туку и на страната на приходите. Економската активност од 300 милиони ќе донесе повеќе приходи отколку 100 милиони евра, потеницра министерот.
Во насока на тоа дека се работи на поттикнување на компаниите да инвестираат го напомена и функционирањето на Грантниот фонд, кој, исто така, е дел од пакетот мерки и кој овозможува на компаниите кои имаат проблем кај банките да добијат кредити, со гаранција од Развојната банка да станат кредитоспособни.
Во интервјуто најави дека до крајот на годината ќе бидат достапни и средства од ЕК, преку Економската инвестициска програма за Западен Балкан, што е нов инструмент, и кој ќе нуди поволни гаранции за развојните национални банки за големи инвестициски проекти.
РС Македонија, како што истакна министерот, ќе биде меѓу првите земји која ќе го користи овој инструмент и оцени дека тоа ќе биде исклучителена поддршка на нашето стопанство, без дополнително да се оптовари буџетот со дефицит и јавен долг.
Осврнувајќи се на капиталните расходи во Буџетот посочи дека тие годинава имаат 40 % поголема реализација од истиот период минатата година и посочи на тоа дека на него како министер за финансии и за нашата економија одговара да останат проекциите во буџетот за капитални расходи, кои годинава се на ниво 38,2 милијарди денари и се за 28 % повеќе од минатата година.
„Минатата година реализиравме 81 % од капиталните расходи. Останува да видиме, како ќе се одвива годинава, бидејќи ситуацијата со ценовната и енергетската криза поремети многу работи на светските пазари, а ние со над 77 % трговија со ЕУ не сме имуни на тоа. Така што зависи и од сетот на мерките. Мене како министер за финансии и за нашата економија секако ми одговара да останат овие пропориции во буџетот. Затоа и го користев како главен адут во Собранието и при дизајнирањето на Буџетот така пристапивме, рече министерот за финансии Фатмир Бесими.