Помошник на Зеленски: Русија се откажа од барањето Украина да се предаде

од Nikola Popovski
357 прегледи

Русија го омекна својот став во преговорите за евентуален договор со Украина, изјави помошник на украинскиот претседател.

Игор Зовква, заменик началникот на кабинетот на претседателот на Украина, рече дека разговорите меѓу рускиот и украинскиот претставник станале поконструктивни. Тој вели дека Москва го променила својот тон и престанала да бара предавање на Украина, на што Русија инсистирала за време на претходните разговори.

Зовква информира дека украинските претставници се чувствуваат „умерено оптимистички“ по преговорите, додавајќи дека средбата меѓу Зеленски и Путин е неопходна за значителен напредок.

Украинската страна веќе неколку дена изразува оптимизам за преговорите, а самиот Путин викендов изјави дека има позитивен развој на преговорите. Сепак, Русија продолжи да ги напаѓа украинските градови, а САД вчера објавија дека нема докази за деескалација на конфликтот што би било знак на добра волја.

Советникот на украинскиот претседател и член на преговарачкиот тим Михаило Подољак на Твитер објави дека преговорите со руските претставници „ќе продолжат утре“. Тој рече дека „дефинитивно има простор за компромис“.

Советникот додаде дека преговорите се тешки и дека има несогласувања за суштински прашања.

„Но, секако има простор за компромис. За време на паузата, работата во подгрупите ќе продолжи“, рече Подољак.