Градоначалникот на општина Карпош, Стевче Јакимовски информира дека остварил средба со градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска при што разговарале за заеднички инфраструктурни проекти и координирано решавање на проблемите.
На средбата присуствувале и претставниците на урбаните заедници од Карпош, раководителите на сектори и одделенија од општинската администрација, како и претставниците на осумте јавни претпријатија кои функционираат во рамки на Градот Скопје.
-Ги забележавме заедничките проблеми за кои се надлежни Општина Карпош и Град Скопје, за да можат двете институции коoрдинирано да дејствуваат и да функционираат организирано во интерес на граѓаните од оваа локална самоуправа. Исто така разговаравме и за заеднички инфраструктурни проекти како што се паркови, кејот на реката Вардар, атмосферски и фекални канализации и изградба на улици во надлежност на Град Скопје.
Договоривме овој тип на работни состаноци да се одржува на месечно ниво, при што ќе се ажурира напредокот на преземените активности и ќе се утврди актуелната состојба и потребата од дополнителни мерки кои треба да се реализираат, објави Јакимовски.