Новинарката одби азил во Франција: Не сакам братоубиствена војна, но јас сум патриот

од Milan1
257 прегледи

Уредничката на рускиот Канал 1 Марина Овсијаникова соопшти дека дала отказ, но и дека одбила да ја прифати понудата за азил во Франција откако на руската државна телевизија истакна транспарент со порака „Стоп за војната!“ и „Тука ве лажат“.

Овсијаникова набргу потоа беше уапсена и казнета со 30.000 рубли (290 долари).

Во интервју за Франс 24, Овисијаникова соопшти дека ги „предала документите“ за раскинување на работниот однос во Канал 1. „Тоа е законска процедура“, рече таа.

Овисијаникова, која има две деца, вели дека „со овој гест го променила животот на своето семејств “, при што нејзиниот син покажал посебна вознемиреност.

„Но, мораме да ставиме крај на оваа братоубиствена војна, за ова лудило да не се претвори во нуклеарна војна. Се надевам дека со текот на времето син ми ќе сфати зошто го направив тоа“, рече таа.

Таа додаде дека и некои нејзини колеги дале отказ, но дека многумина не можеле да го сторат тоа од финансиски причини.

„Среќна сум што луѓето го кажаа своето мислење, но финансиската состојба е многу тешка и тешко е луѓето да престанат да работат“, рече таа.

Во одвоено интервју за германски „Шпигел“, Овсијаникова рече дека нема да ја прифати понудата за азил од францускиот претседател Емануел Макрон и дека ќе остане во Русија.

„Не сакам да ја напуштам мојата земја. Јас сум патриот, и мојот син. Во никој случај не сакаме да ја напуштиме земјата, не сакаме да одиме на друго место“, рече таа.

И покрај нејзиното ослободување, Овсијаникова би можела да се соочи со дополнително гонење, ризикувајќи повеќегодишна затворска казна, согласно законите донесени на 4 март со кои се ограничува слободата на говорот за војната во Украина.

Овсијаникова за германскиот весник изјави дека повеќето нејзини колеги се свесни за нивната улога во ширењето дезинформации.

Слични содржини