Врховниот суд на Бразил донесе одлука за блокирање на „Телеграм“ во оваа земја бидејќи мрежата, како што велат, дозволува ширење на невистини и дезинформации.
Бразилскиот врховен судски судија Александре де Моралес нареди суспензија на апликацијата во петокот, велејќи дека оваа мрежа постојано одбивала да ги почитува судските наредби и не ги блокирала корисничките сметки кои шират дезинформации, вклучително и на претседателот.
Актуелниот претседател на Бразил, Жаир Болсонаро и неговите приврзаници се повеќе се потпираат на „Телеграм“ како форма на масовна комуникација.
Одлуката на судијата, која најверојатно ќе предизвика дебата за слободата на говорот во политички поларизираниот Бразил, е последното поглавје во борбата против Болсонаро и неговите сојузници.
„Телеграм“ е исклучително популарна апликација во Бразил, особено меѓу луѓето кои го поддржуваат актуелниот претседател. Се откажаа од „Фејсбук“ и „Твитер“ бидејќи овие мрежи, како што велат, ја ограничуваат слободата на говорот и вестите.
Според „Њујорк Тајмс“, судот издал наредба Гугл и Епл да ја отстранат апликацијата од нивните дигитални продавници, а доколку не го сторат тоа за пет дена, ќе бидат казнети со по 20.000 долари.
Судијата Моралес веќе спроведе серија истраги против десничарот Болсонаро и неговите поддржувачи за ширење лажни вести. Овие истраги налутија многу поддржувачи на претседателот и покренаа прашања за легитимноста на судските одлуки во таа земја.
Исто така, лицата кои користат „Телеграм“ преку VPN услуги исто така ќе бидат казнети со 20.000 долари.