Војната во Украина ќе придонесе за забавување на глобалниот економски раст, но нема да предизвика глобална рецесија, изјави директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристалина Георгиева, објавувајќи ги новите прогнози на ММФ за април.
Таа на форумот на магазинот „Форин полиси“ рече дека глобалниот економски раст ќе успее да остане позитивен оваа година и покрај војната во Украина, но дека голем број земји, со веќе слаби економии, би можеле да паднат во рецесија, пренесе Ројтерс.
Според последните прогнози на ММФ од јануари, за 2022 година е проектиран глобален раст од 4,4 отсто, што е за половина процент помалку од октомвриската прогноза.
Георгиева рече дека шоковите поради високите цени на енергијата и храната предизвикани од војната во Украина и санкциите против Русија тешко ќе ги погодат земјите во развој заедно со построгите финансиски услови, додека напредните земји ќе ги зголемат каматните стапки.
„Се стремиме да го зголемиме растот и да ја намалиме инфлацијата, што стана проблем. Наместо тоа, го имаме токму спротивното. Растот опаѓа, а инфлацијата расте“, рече Георгиева.